Масимо Фереро со години наназад е контроверзна личност во италијанскиот фудбал, а бидејќи е надалеку познат како претседател на Сампдорија, попладнево стана топ тема на Апенините.
Угледната новинска агенција „АНСА“ информира дека Фереро ова утро бил уапсен и приведен во притвор поради финансиски криминал за лична придобивка, но се потенцира дека сите операции се извршени надвор од клубот и Сампдорија нема да биде вклучена во истрагата.
Фереро бил упасен во својот дом и мирно приведен во полиција, а уште пет лица кои се осомничени како негови помагатели се задржани во куќен притвор.
Само два дена пред овој скандал, Фереро јавно говореше дека веќе е изморен од сите обвиненија и планира да ја продаде Сампдорија доколку добие вистинска понуда.
– После осум години жртвување, страст и напорна работа, но и период во кој бев лично напаѓан и обвинуван, почнав да се заморувам. Ќе го давам најдоброто за Сампдорија додека можам, но ако дојдат добри купувачи, или пак имате да ми ги понудите, слободно дајте им го мојот број за контакт. Подготвен сум да слушам понуди, – изјави Фереро.