Калифорнија ќе поднесе тужба против претседателот Доналд Трамп, барајќи да го запре неговиот сеопфатен царински режим, тврдејќи дека нелегално ги спроведува своите протекционистички трговски политики.

Федералната тужба, која ја прави Калифорнија првата држава што правно ги оспорува новите царински мерки на администрацијата на Трамп, доаѓа во време кога царините предизвикаа историска нестабилност на пазарите и ги оштетија односите на САД со долгогодишните сојузници и трговски партнери.

„Доналд Трамп нема овластување еднострано да го наметне најголемиот даночен товар во нашата историја преку деструктивни царини“, рече гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, на платформата X. „Ќе го тужиме“.

Според соопштението, царините на Трамп предизвикуваат „непосредна и непоправлива штета на Калифорнија, која е најголемата држава по економија, индустриско производство и земјоделство во Соединетите Американски Држави“.

Тужбата ќе биде поднесена во федерален окружен суд во Северна Калифорнија, со цел да се поништат царините на Трамп.

Гувернерот Њусом и главниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, објавија дека ќе одржат прес-конференција за да се објави поднесувањето на тужбата.

„Хаотичното и непредвидено спроведување на царините од страна на претседателот не само што е загрижувачко, туку е и нелегално“, рече Бонта во изјава за NBC News.

„Како петта најголема економија во светот, Калифорнија разбира дека глобалната трговска политика не е игра“, додаде Бонта.

„Калифорнија се подготвуваат за последиците од постапките на претседателот, од земјоделците во Централната долина до сопствениците на мали бизниси во Сакраменто и загрижените семејства во Калифорнија“, заклучи тој.

Текстот Калифорнија ќе го тужи Трамп поради царините е превземен од МАКФАКС.