Како да знам дали имам настинка, грип или ковид-19? Експертите велат дека тестирањето е најдобар начин да се утврди, оти симптомите на овие болести може да се се поклопат.
Вирусите кои предизвикуваат настинка, грип и ковид-19 се шират на ист начин – преку капки од носот и устата на заразените. А сите може да се прошират пред човек да знае дека е заразен. Различно е времето кога некој заразаен од овие болести ќе почне да се чувствува лошо. Некои заразени со коронавирусот воопшто немаат симптоми, но сепак може да го шират вирусот.
Кашлица, температура, умор и болка во мускулите се вообичаени и за грип и за ковид-19, вели проф. Кристен Колман од Универзитетот во Мичиген, САД. Симптомите специфични за ковид-19 се губење мирис и вкус.
Обичната настинка, пак, вообичаено има поблаги симптоми, меѓу кои и затнат нос и суво грло или гребење во грлото. Покачена температура и треска се повообичаени за грип.
Вирусите не се измешале и создале нова болест, како што неточно се тврди во некои информации онлајн. Но, можно е истовремено заразување со грип и ковид-19, што сега се нарекува флурона (или грипона – кованица од грип и коронавирус).
„Коинфекција од кој било вид може да биде тешка или целосно да ги влоши симптомите. Ако продолжи да расте бројот на случаи со грип (инфлуенца), може да се очекува дека следниве месеци ќе има повеќе случаи на вирусни коинфекции“, вели Колман.
Со оглед дека симптомите за сите три типа вирус се слични, тестирањето и натаму е најдобрата опција за да се утврди од што е некој заразен. Домашни тестови за грип нема во слободна продажба како оние за ковид-19, но во САД во некои аптеки се врши тестирање за обата вируса истовремено, а тоа може да им помогне на лекарите да препишат соодветна терапија. Исто така, лабораториите може да испитуваат примероци за разни респираторни вируси, меѓу кои и за настинка, но повеќето немаат капацитет за ова да го прават рутински, особено кога има зголемен број заразени со ковид-19.
Вакцинирањето помага да се смали ширењето на вирусите. Американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ) препорачува дека е безбедно истовремено да се земе вакцина против грип и против ковид-19 или трета доза.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.