Опозициските политичари во Италија во понеделникот побараа владата, на чело со екстремно десничарската премиерка Џорџија Мелони, да објасни како дојде до тоа стотици демонстранти да салутираат со забранетиот фашистички поздрав на митингот во Рим, без никаква полициска интервенција, објави американската мрежа Еј-би-си.
@vicenews Hundreds of far-right sympathisers were seen giving a fascist salute at a ceremony in Rome on Sunday to commemorate the deaths of three teenagers killed in political violence. #italy #rome #salute #accalarentia #rally
Собирот во неделата вечерта, во еден работнички кварт во главниот италијански град, беше во знак на комеморација за убиството на двајца членови на неофашистичка младинска група во 1978 година.
На митингот, дел од учесниците ја подигнаа десната рака во знак на поздрав од времето на фашистичката диктатура на Бенито Мусолини.
Според законот донесен по Втората светска војна, употребата на фашистичка симболика, вклучително и озлогласениот фашистички поздрав, исто така познат како римски поздрав, е забранета.
Лидерката на Демократската партија Ели Шлајн, која ја предводи најголемата опозициска партија во законодавниот дом, беше меѓу оние кои во понеделникот побараа од министерот за внатрешни работи во владата на Мелони, да се појави во Парламентот и да објасни зошто полицијата очигледно не направила ништо за да го спречи собирот на кој отворено и гласно, пред очите на целиот свет, доминира фашистичкиот поздрав.
Шлајн и други опозиционери, огорчени од употребата на фашистичкиот поздрав на митингот, со иронија забележаа дека минатиот месец, кога за време на премиерата на операта „Дон Карло“ во Ла Скала еден човек од публиката извикал „Да живее антифашистичка Италија!“ – тој брзо беше опколен од полицијата од италијанскиот антитерористички одред.
„Ако извикувате ‘Да живее антифашистичка Италија’ во театар, ќе бидете идентификувани (од полицијата); ако одите на неофашистички собир со римски поздрави и транспаренти – не. Мелони нема што да каже?“, напиша Шлајн во објава на платформата за социјалните медиуми X.
Se gridi “Viva l’Italia antifascista” a teatro vieni identificato, se vai a un’adunata neofascista con saluti romani e striscioni invece no.
Piantedosi chiarisca come sia potuto accadere.
E Meloni non ha niente da dire?— Elly Schlein (@ellyesse) January 8, 2024
Државната телевизија Раи во понеделникот вечерта објави дека италијанската полиција го истражува масовниот поздрав на собирот.
Заменик-премиерот Антони Тајани, кој ја предводи партијата на десниот центар во 14-месечната коалиција на Мелони, беше под притисок од новинарите поради фашистичкиот поздрав.
„Ние сме сила која секако не е фашистичка, ние сме антифашисти“, рече Тајани на прес-конференција. Тајани, кој ја извршува и функцијата министер за надворешни работи, истакна дека според италијанскиот закон, поддршката на фашизмот е забранета. Сите собири „за поддршка на диктатурите мора да бидат осудени“, рече тој.
Водачите на малата еврејска заедница во Италија, исто така, изразија вознемиреност поради фашистичкиот поздрав.
„Добро е да се потсетиме на жртвите на политичкото насилство, но во 2024 година тоа не може да се случи со стотици луѓе кои оддаваат римски поздрав“, напиша Рут Дурегело, која неколку години ја водеше еврејската заедница во Рим, на X.
È giusto ricordare le vittime di violenza politica, ma nel 2024 questo non può avvenire con centinaia di persone che fanno il saluto romano.
Non nel Paese in cui l’apologia del fascismo è reato.— Ruth Dureghello (@dureghello) January 8, 2024
Антиеврејските закони на Мусолини ја помогнаа депортацијата на италијанските Евреи за време на германската окупација на Рим во последните години од Втората светска војна.
Митингот на кој се салутираше со озлогласениот поздрав, се одржа по повод 46-годишнината од убиството на тројца неофашисти во Виа Ака Ларентиа, во југоисточен Рим, објави Ројтерс. Двајца од нив беа застрелани од екстремно левичарски милитанти, додека третиот беше убиен од полицијата по судирите со екстремистичките групи во немирите што избувнаа набргу по убиството. Никој никогаш не бил осуден за овие настани.
Мелони, чија партија „Браќата на Италија“ има свои корени во неофашизмот, се дистанцира од диктатурата на Мусолини, изјавувајќи дека „италијанската десница го предала фашизмот на историјата со децении“, пишува Вашингтон Пост.
Кон крајот на 1970-тите, Италија минуваше низ крвав период со насилство меѓу екстремно десничарските и екстремно левичарските групи. Од тоа време се помнат серии од смртоносни бомбашки напади поврзани со екстремната десница и атентати и киднапирања за кои одговорноста ја преземаа Црвените бригади и другите левичарски екстремисти.
Подготви: Џ. Д.