Пет здравствени работници загинаа во напад на Израел врз јужен Либан, соопшти либанското Министерство за здравство, а Израел ги предупреди либанските цивили на југот да не се враќаат дома до понатамошно известување.

Привремениот либански премиер Наџиб Микати рече дека Соединетите Американски Држави и Франција водат разговори за прекин на огнот, очигледно упатувајќи на дипломатските напори за посредување на примирјето кое Израел го отфрли минатиот месец. Засега никој од Вашингтон или Париз не ги коментирал овие тврдења.

Блискиот Исток е во состојба на готовност, стравувајќи од натамошна ескалација на конфликтот во регионот, бидејќи се чека одговорот на Израел на минатонеделниот ирански ракетен напад, пренесуваат медиумите во регионот.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека Израел во текот на ноќта удрил во центар за цивилна заштита во селото Дердгаја, на околу 10 километри од границата, при што загинале пет болничари и спасувачи.

Израелската армија се уште не се огласила за тоа. Повеќе од 2.100 луѓе се убиени во израелските напади врз Либан во текот на изминатата година. Не се знае колку загинати цивили и колку борци.

Израел денеска ја потврди смртта на својот 12-ти војник во копнените операции во јужен Либан.

Израел им порача на жителите на јужен Либан во објава на социјалната мрежа Х дека им е „забрането да се вратат во своите домови, во селата и градовите до понатамошно известување за нивна безбедност“.

Текстот Израел до цивилите во јужен Либан: Не се враќајте дома до понатамошно известување е превземен од МАКФАКС.