Европратениците Робертс Зиле од летонската Национална алијанса (НА) и Антонела Зберна од Браќа на Италија (ФДИ) и двајцата членови на групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Јунус Омаржи од партијата Непокорна Франција (ЛФИ), која е дел од Левицата беа избрани за потпретседатели на Европскиот парламент во вториот круг на гласање во вечерашното продолжение на конститутивното парламентарно заседание.
Во вториот круг на гласање, Зиле освои 490 гласа, Зберна 314, а Омаржи 311. Од останатите тројца претенденти за потпретседатели, двајцата кандидати на Патриотите за Европа (ПФЕ), Фабрис Лежери од францускиот Национален собир (РН) и Клара Досталова од словачката Акција на незадоволни граѓани (АНО) освоија 177, односно 116 гласа, а Ева Зајочковска-Херник од полската партија Нова надеж (НН) дел од екстремно десничарската група Европа на суверени нации (ЕСН) доби 46 гласа.
Вкупно гласаа 674 европратеник, при што 65 гласачки ливчиња беа неважечки или празни со што за валидни беа сметани 609 гласа и за да биде избран на секој кандидат му беа потребни најмалку 305 гласа. Секој европратеник имаше право да гласа за најмалку два, а најмногу три кандидати.
Со изборот на овие тројца потпретседатели се комплетира листата на 14 заменици на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, откако претходно во првиот круг на гласање беа избрани 11 потпретседатели.
Тоа се Забине Верхајен од Христијанско демократската унија на Германија (ЦДУ)/Европската народна партија (ЕПП) која освои 604 гласа, Ева Копач од полската Граѓанска платформа (ПО)/ЕПП 572, Естебан Гонзалес Понс од шпанската Народна партија (ПП)/ЕПП 479, Катарина Барли од Социјалдемократската партија на Германија (СПД)/Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) 450, Пина Пичерно од италијанската Демократска партија (ПД)/СД 405, Виктор Негреску од романската Социјалдемократска партија (ПСД)/СД 394, Мартин Хојсик од Прогресивна Словачка (ПС)/Да ја обновиме Европа (РЕ) 393, Кристел Шалдемозе од данската партија Социјалдемократи (С)/СД 379, Хави Лопез Фернандез од Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ)/СД 377, Софи Вилмес од белгиското Реформско движење (МР)/РЕ 371 и независниот романски пратеник член на групацијата на Зелените, Николае Штефануца 347 гласа. За избор во првиот круг беа потребни најмалку 333 гласа.
Претходно денеска, европратениците ја реизбраа Роберта Мецола од малтешката конзервативна Национална партија (ПН), која е дел од групата на Европската народна партија (ЕПП), за претседателка на Европскиот парламент со мандат од две и пол години.
За Мецола гласаа 562 европратеници, а нејзината противкандидатка за функцијата Ирене Монтеро од шпанската партија Можеме (Подемос), дел од групата на Левицата, доби 61 глас. Вкупно 76 гласачки ливчиња беа неважечки.
Заседанието на Европскиот парламент продолжува утре со избор на петмината квестори, чија функција е да ги надгледуваат административните и финансиските прашања кои директно ги засегаат членовите на Европскиот парламент, а вршат и другите должности што им се доделени со Деловникот на ЕП или парламентарното Биро. Бирото на Европарламентот го сочинуваат претседателот, потпретседателите и квесторите. Петмината квестори се бираат од редовите на европратениците со мандат од две и пол години.
Дополнително, европратениците утре ќе гласаат и за бројниот состав на постојаните комисии и поткомисии, како и на интерпарламентарните делегации на ЕП. Членовите на комисиите, поткомисиите и делегациите ќе ги номинираат политичките групации во Европскиот парламент и нивниот состав треба да биде објавен на последниот ден од заседанието в петок. / МИА