Изборната кампања влегува во последните денови. Политичките партии имаат уште четири дена да ги претстават своите изборни програми пред гласачите. Изборниот молк започнува на полноќ помеѓу 15 и 16 октомври.

Државната изборна комисија објави дека е комплетиран бројот на уреди за биометриско гласање. 4.000 – те уреди за идентификација на отпечатоци од прст сега се на безбедни локации и чекаат да бидат распределени до општинските изборни комисии, а подоцна и до избирачките места. За нивно користење, во тек е обука на избирачките одбори, а истата треба да заврши утре. Гласањето со овие уреди ќе се одржи за прв пат на 17 октомври. Стариот начин на гласање со УВ ламби и спреј на избирачкото место ќе се применува само во случаи кога ДИК ќе утврди дека избирачкиот одбор се соочува со непоправливи технички проблеми на апаратот и неможност за негово заменување. На стариот начин, ќе гласаат и болните и луѓето со одлука за изолација. Досега многу малку од нив покажаа интерес и излегоа да гласаат, а можноста да гласаат останува отворена. Државната изборна комисија вели дека ги презела сите мерки за да ја намали можноста да има пречки во системот при објавување резултатите на денот на изборите. Пречки имаше при последниот изборен процес како резултат на сајбер напади врз софтверот за објавување на резултатите. Потпретседателката на оваа институција, Дитмире Шеху, вели дека е изградена стратегија и е формирана комисија за управување со ситуацијата во случај на сајбер напади врз системот.

„Покрај службите на ДИК во областа на ИТ, во комисијата се вклучени и професори од Факултетот за информатичка технологија. Исто така имаме и вработени од Министерството за внатрешни работи и странски експерти за тој ден, во моментот кога ќе се открие проблем, ќе имаме итни решенија“.

Според Шеху, и операторот избран за софтверот за објавување на резултатите има обврска да направи првично тестирање на апликацијата.