Дури една третина од она што го јадеме го опрашуваат пчелите и тие се одговорни за хранење на 90 отсто од населението.
Мери Попинс ги пофали придобивките од една лажица шеќер, а сега се приклучи и Дејвид Атенборо. Ова лето треба да се трудиме што почесто да оставаме купишта шеќер во градините и дворовите – особено на топло време.
Звучи бизарно – и бескорисно, имајќи предвид дека шеќерот ги привлекува мравките и осите, а ние обично не сакаме тие премногу да ползат и да зујат наоколу. Но, постои едно суштество кое навистина ќе ви се заблагодари за тоа.
Без разлика дали мислите дека се вознемирувачки или ви се допаѓаат, факт е дека многу се потпираме на пчелите. Всушност, речиси една третина од храната што ја јадеме е опрашувана од овие инсекти и тие се одговорни за хранење на 90 отсто од светската популација.
Ако исчезнат од екосистемот имаме сериозен проблем.
За жал, се чини дека го правиме тоа бидејќи комбинацијата на пестициди, урбанизација и климатски промени доведува до драматичен пад на бројот на пчели.
„Доколку пчелите исчезнат од лицето на земјата, на луѓето ќе им останат само уште четири години живот“, изјави Атенборо во минатото.
Еве од каде доаѓа лажицата шеќер.
„Во овој период од годината, пчелите често може да изгледаат како да умираат или мртви, но тие се далеку од тоа“, изјави Атенборо за Country Living.
„Пчелите може да се уморат и едноставно немаат доволно енергија да се вратат во кошницата, што често може да доведе до нивна смрт. Ако најдете уморна пчела во вашиот дом, едноставно решение од шеќер и вода ќе помогне да ја оживеете исцрпената пчела. Едноставно измешајте две лажици бел, гранулиран шеќер со една лажица вода и ставете го на лажичка за да може пчелата да дојде“.
Мешавината од вода и шеќер ќе ја рехидрира уморната пчела и ќе и даде нешто над потребната енергија, пишува Mirror.