Злосторството што се случило пред речиси три децении останува неразјаснето, а ќерката на жртвата сега упатува јавен апел за помош.

Џенет Браун, 51-годишна мајка на три деца, беше брутално убиена на 10 април 1995 година во нејзиниот дом во Бакингемшир, Англија. Нејзиниот убиец никогаш не бил пронајден.

Полицијата има примерок од ДНК пронајден на местото на злосторството, за кој верува дека му припаѓа на убиецот, но не одговара на ниту едно лице во полициската база на податоци. Во текот на истрагата беа испрашани повеќе од 1.000 мажи, но сите беа исклучени од истрагата.

Се нуди награда од 20.000 фунти за информации кои ќе доведат до апсење и осудување на сторителот, а секој што има информации може анонимно да контактира со Crimestoppers.

Џенет Браун работела како медицински истражувач во болницата Џон Редклиф во Оксфорд. Таа била пронајдена гола, со лисици на рацете и со превез преку устата, на дното од скалите, се било полно со крв. И покрај околностите, полицијата не верува дека мотивот бил од сексуална природа, а од домот ништо не е украдено.

Нејзината најстара ќерка Зара Харден вели дека сè уште не може да разбере зошто некој би ја нападнал нејзината мајка: „Тоа ми е целосно несфатливо, но убедена сум дека некој знае нешто“, рече таа.

„Таа беше врзана и брутално претепана, буквално претепана до смрт. Не е важно што никој не се јави тогаш, сè уште не е доцна”, рече таа.

Во моментот на убиството децата на Џенет Браун, Зара, Бенедикт и Роксана, не биле дома, а нејзиниот сопруг д-р Греам Браун бил на службено патување во Швајцарија.

Убиецот прво се обидел да го пресече стаклото на двојните лизгачки врати, а потоа го скршил стаклото и насилно влегол во куќата. Се верува дека Џенет била убиена во периодот од 20.15 до 22.15 часот истата вечер. Телото следното утро го пронашол градежен работник кој со синот требало да работи на куќата.

„Убиецот или убијците останаа неказнети до ден-денес. Сакаме да бидат кривично гонети. Некој способен за ваков вид на криминал се уште е на слобода и сакаме да спречиме вакво нешто да се повтори“, рече Харден.

Питер Бирн, шеф на тим за ревизија на нерешени тешки злосторства на полицијата, рече: „Сè уште верувам дека има луѓе кои имаат информации или сомневања во врска со ова брутално убиство“.

„Имаме ДНК профил од местото на злосторството. Тој не припаѓа на членовите на семејството и веруваме дека тоа би можело да биде клучен доказ кој го поврзува убиецот со злосторството“, рече Бирн.

Текстот Злосторство од 1995 година: награда од 20.000 фунти за оној што ќе го открие убиецот на Британката е превземен од МАКФАКС.