Време е да размислиме на кој начин да го зајакнеме нашиот имунитет и да се заштитиме од сите опасности кои не опкружуваат.

Првиот чекор секако е подготовка на топли напитоци. Но, доколку ви досадија чаевите, или не сте задоволни со нивното дејство врз организмот време е да пробате „златно млеко“.

За подготовка на наједноставната верзија на овој напиток потребни ви се само четири состојки, млеко, куркума, бибер и мед. Куркумата е главен зачин на овој напиток, а нејзините придобивки се големи.

Покрај богатиот вкус, куркумата е позната по тоа што содржи состојка куркумин, за кој по спроведените истражувања е докажано дека позитивно влијае против многу болести.

Според истражувањата куркумата го забавува процесот на згрутчување на крвта, позитивно делува при лечење на депресија, ги ублажува симптомите на остеоартритис, го намалува високиот крвен притисок, добра превенција е против карцином, го чисти црниот дроб и го зајакнува имунитетот.

Подготовката на „златното млеко“ е многу брза и едноставна.

Во тенџере ставете 200 милилитри млеко, додајте две лажици куркума и неколку зрна црн бибер. Ставете го тенџерето на рингла и загревајте ја смесата, но внимавајте да не зоврие. Оладете го „златното млеко“ неколку минути, додадете лажица мед и подготвено е за консумација.

„Златното млеко“ најчесто се пие пред спиење, бидејќи има смирувачко дејство. Можете да го пиете по потреба, од еднаш дневно, до еднаш неделно. Ако не ви се допадне оваа комбинација, додадете ѓумбир или цимет.

Имате доволно добри причини да го пробате „златното млеко“ уште денеска!