Екипата на Металург во новата година ќе претрпи сериозна реконструкција. Повеќе играчи од актуелниот ростер си заминуваат поради финансиските проблеми, а еден од оние кои повлече нога е главната ѕвезда Златко Хорват.
Хрватскиот крилен играч го имаше последниот натпревар во дресот на Металург. Блескаше и со единаесет гола беше најдобар стрелец во победата над Тиквеш, важна во рамки на Суперлигата во борбата за опстанок.
Сепак, ветеранот во ракометот и човекот со бројни успеси, ќе бара нов предизвик. И тоа порано од предвиденото. Хрватот во месец мај потпиша нов двегодишен договор со седумкратниот македонски шампион, но во 2022 година ќе има нов клуб. Трансферот на Златко Хорват во македонскиот ракомет одекна како бомба. Пристигна од ППД Загреб и премногу брзо се афирмира во тимот на Металург како главен играч. Сепак, двете страни се разделија, но пријателски и постои можност и договор за идна соработка при стабилизација на ситуацијата.
Металург, сепак, ќе продолжи да функционира и понатаму. Колективот ќе направи комбинација и ќе афирмира повеќе млади ракометари во првата екипа. Од нив во иднина може да се добијат сениорски репрезентативци. Меѓу играчите ќе има и неколку искусни имиња.