Во текот на мината недела вкупно се пријавени 36 реинфекции со ковид-19, со зголемување од 38,5 отсто во однос на претходната недела, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЗЈ) за период од 13 до 19 декември оваа година. До 19 декември годинава се регистрирани 1.013 реинфекции (0,5%), од кои две се втори реинфекции.
Неделниот извештај на ИЈЗ покажува дека се тестирани вкупно 19.943 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на САРС-Ков-2, со зголемување од 8,1% во однос на минатата недела.
Регистрирани сe 1.922 нови позитивни случаи од 32 градови во државата со намалување од осум отсто во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (22,8%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (3,5%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи.
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.015 (52,8%) лица од женски и 907 (47,2%) од машки пол.
Пријавени се 66 смртни случаи во 22 градови во текот на изминатата недела. Бројот на починати е непроменет во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (19). Во однос на возраста, најголем број (80,3%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (10), 40-49 години (2) и 30 39 години (1).
Според извештаите од болниците моментално се хоспитализирани 347 лица (18,7% помалку во споредба со претходна недела), а од нив 243 се на кислородна поддршка (1,6% помалку во споредба со претходна недела) и 12 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (7,7% помалку во споредба со претходна недела).
Заклучно со 19 декември годинава вакцинирани се вкупно 853.314 лица со барем една доза на вакцина против ковид -19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 822.300 лица, а со трета доза се вакцинирани 89.546 лица, според извештајот на ИЈЗ.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 221.411, бројот на оздравени пациенти е 208.209, на починати е 7.825, а бројот на активни случаи изнесува 5.377.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.