Чарли Кирк, влијателен десничарски активист близок до американскиот претседател Доналд Трамп и извршен директор на Turning Point USA (TPUSA), беше ранет за време на настан на Универзитетот Јута Вали.
Снимките што кружат на социјалните медиуми го покажуваат моментот кога е застрелан додека зборува под шатор во дворот на универзитетот. Во исто време, студентите бегаат во паника од звуците на пукотници. Кирк настапи таму како дел од турнејата American Comeback, организирана од локалниот огранок на TPUSA.
Неговиот тим потврди за Fox News дека е погоден, но неговата состојба во овој момент е непозната. Универзитетската полиција потврди дека се испукани куршуми, а ФБИ соопшти дека агентите брзаат на местото на настанот и целосно ја поддржуваат истрагата.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја потврди веста дека конзервативниот активист и неговиот сојузник Чарли Кирк е ранет и повика на молитва.
„Сите мора да се молиме за Чарли Кирк, кој беше застрелан“, напиша тој на Truth Social. „Одличен човек од глава до пети. БОГ ДА ГО БЛАГОСЛОВИ!“
Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, повика на молитви за Кирк, нарекувајќи го „добар човек и млад татко“, додека министерот за одбрана, Пит Хегсет, рече: „Нека раката на Исус Христос го допре“.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, го осуди нападот и рече дека е „одвратен, гнасен и срамен“. Сенаторот од Јута, Мајк Ли, рече дека внимателно ја следи ситуацијата и повика на молитви за Кирк и студентите кои беа таму.
Текстот Застрелан сојузник на Трамп е превземен од МАКФАКС.