Австриската министерка за европски прашања Клаудија Плаколм, член на Австриската народна партија, побара да се забрза проширувањето на Европската унија. „Во Западен Балкан, конечно мора да има конкретни чекори што ќе ги почувствува населението“, рече таа во интервју за АПА.
Таа се надева дека ЕУ ќе ги добие првите кандидати за членство во следните неколку години“, а најдоцна до 2030 година. А земајќи ја предвид агресивната трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, таа смета дека Европа мора сама да преземе иницијатива“ наместо само да се надева.
Плаколм истакнува дека „повеќе од 20 години се зборува за Западен Балкан, но без значителен напредок, бидејќи најчесто соседните земји го блокираат процесот“. Во овој контекст, таа е отворена за можноста за ограничување на правото на вето во рамките на ЕУ.
„Покорисно би било кога би можеле да преземеме некои чекори побрзо и да се вратиме на едногласност само на крајот од процесот. Но, сепак мислам дека е важно да се најде договор за клучните прашања и да се води дијалог“.
ЕУ ризикува да го изгуби кредибилитетот на Западен Балкан, предупредува.
„Постои опасност дека ако ја пропуштиме европската интеграција, Западен Балкан ќе стане играчка на другите глобални сили“, рече таа, веројатно алудирајќи на влијанието на Русија и Кина.
„Се чувствува, особено кога ќе погледнеме наназад на демонстрациите во Србија, дека населението е повеќе од кога било подготвено за реформи, за европска интеграција и дека сега конечно му требаат конкретни подобрувања. Се гледа дека тоа го поддржуваат младите луѓе, студентите кои излегуваат на улица и имаат барања за политичарите“, објасни министерката.
Плаколм се залага за „постепена интеграција“ на понапредните кандидати во ЕУ, преку вклучување во програмите на ЕУ.
„Веќе сега можеме да одиме чекор по чекор и да се шириме или да започнеме европски програми во земји кои се веќе на вистинскиот пат“, рече таа.
Земјите што ги смета за најнапредни се Црна Гора, Северна Македонија и Албанија. На прашањето дали би можеле да станат членки до 2030 година, таа одговори: „Се надевам, би сакала тоа“.
За кандидатскиот статус на Украина, вели дека тоа е геополитичка одлука.
„Јасно е дека ја поддржуваме Украина како Австрија и како ЕУ, бидејќи на 24 февруари 2022 година беше нападната земја на европско тло. И приближувањето до нашите европски принципи, нашите вредности можат да бидат само од корист. Но, дури и ако војната за руска агресија заврши наскоро, Украина нема да биде подготвена да стане членка на Европската унија преку ноќ“, рече министерката. Таа потсети дека процесот за некои земји траел повеќе од 20 години.
„Во овој поглед, Западен Балкан е далеку пред Украина“.
Плаколм не реагираше позитивно на предлогот за членство на Канада во ЕУ, што го предложи поранешниот германски министер за надворешни работи Зигмар Габриел, силен противник на идеите на Трамп за анексија: „Веќе има доволно кандидати кои чекаат“. Сепак, смета дека ЕУ треба да ги зајакне меѓународните партнерски односи – вклучително и со Канада.
Зборувајќи за сегашните глобални турбуленции, кои, меѓу другото, беа предизвикани од трговската политика на Трамп, Плаколм повика на зајакнување на европската самодоверба: „Важно е Европа да не се повлече, да го зајакнеме стратешкиот суверенитет, да не зависиме од милоста на другите и да нè гледаат како силен глобален играч, а не како пион“.
ЕУ го спореди со „стар брод кој стои на море и чека поволен ветер“, додавајќи дека „можеме самите да ги свртиме едрата за да го искористиме ветрот“.
Плаколм го поздравува планот на Европската комисија за зајакнување на европската одбрана.
„Мило ми е што ја преземаме одговорноста да се зајакнеме, особено во однос на одбраната, Австрија, во согласност со нејзиниот устав, ќе ги искористи сите расположливи можности, особено финансиските.
Зборувајќи за буџетот на ЕУ по 2027 година, таа подвлече дека Австрија, која во моментов се бори со висок буџетски дефицит, ќе продолжи да се залага за штедлив пристап.
„Нашата позиција останува непроменета бидејќи и нашиот статус како нето придонесувач во Европската унија, исто така, ќе остане непроменет. Затоа, се разбира, се залагаме за внимателна и претпазлива употреба на финансиските ресурси на Европската унија. Би имало одреден потенцијал за ефикасност и заштеда доколку помалку се губиме во детали и ситници.
Текстот Западен Балкан е далеку пред Украина: Австриската министерка бара да се забрза проширувањето на ЕУ е превземен од МАКФАКС.