Израелските војници и оклопни возила се подлабоко навлегуваат во северниот дел на Појасот Газа, затворајќи ги населените места, додека од палестинската територија известуваат за жестоки израелски воздушни и артилериски напади.
Засилените израелски копнени операции следуваат ден откако 33 камиони со храна, лекови и други залихи влегоа во Појасот Газа од Египет, во најголемиот конвој со хуманитарна помош од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас.
Хуманитарните работници во понеделникот (30 октомври) изјавија дека помошта сè уште е далеку од потребите во Појасот Газа, кој со недели е под опсада. Министерството за здравство на Газа соопшти дека бројот на загинати Палестинци надмина 8 000, додека израелските тенкови и пешадија го спроведуваат она што премиерот Бенјамин Нетанјаху го нарече „втора фаза“ од војната што започна напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври.