Жени на возраст од 21 до 59 години кои три години не направиле пап-тест се вклучени во Програмата за скрининг за рак на грлото на матката за 2023 година. Тоа може да го направат кај матичните гинеколози, соопштува Министерството за здравство.
Во текот на годината пациентката која ќе се јави кај матичен гинеколог може да направи и дополнителен гинеколошки преглед со ПАП тест, согласно медицинска индикација утврдена од матичниот гинеколог. Дополнителните прегледи утврдени од матичниот гинеколог се на товар на ФЗОМ, а пациентот плаќа партиципација за прегледот.
За успешно спроведена скрининг превенција се смета доколку во период од три години се опфатат 75% од целната популација на жени. Затоа, од октомври 2022 година со измените во Програмата за рана детекција на малигните заболувања на Македонија за 2023 година, Министерството за здравство воведе и мобилни гинеколошки амбуланти, кои се дел од Програмата на Министерството за здравство.
При посетите на пациентките во мобилните гинеколошки амбуланти се остварува и целта да се подигне свеста за значењето на редовните гинеколошки прегледи, препорачаните периодични гинеколошки прегледи и ПАП тест, кои овозможуваат рано откривање на ракот на грлото на матката. Истовремено, пациентките добиваат и совети за планирање на семејството и безбедно мајчинство. Услугите се наменети за жени и девојки од ранливи семејства, во потешко достапни рурални области, велат од Министерството за здравство.
Препораки за скринингот на рак на грло на матка во Европа, согласно Регионалниот центар за рак се следните:
Словенија – еднаш на три години
Италија – еднаш на три години
Франција – еднаш на три години после два последователни негативни теста
Унгарија – еднаш на три години
Главна цел е да се намали инциденцата и смртноста на жените од рак на грлото на матката во Македонија, да се зголеми бројот на лица опфатени со организираниот скрининг да се подигне свеста кај жените за важноста од редовни превентивни прегледи и вклученост во организираниот скрининг да се зголеми бројот на гинеколози вклучени во организираниот скрининг.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.