Србија и Косово треба конструктивно да се вклучат во нормализирање на нивните односи за да добијат право на финансирање од Планот за раст на Европската унија, кој неодамна беше усвоен.
„Нормализацијата на односите е суштински услов на европскиот пат за двете страни. И Србија и Косово ризикуваат да изгубат важна можност во отсуство на напредок“, соопштија од прес-службата на Европската комисија.
Во писмената реакција од прес-службата на оваа институција, се потврдува дека без оглед на основните критериуми што секоја земја треба да ги исполни за да има право да добива средства од европската помош, Косово и Србија треба конструктивно да се ангажираат во нормализацијата на нивните односи.
Тоа подразбира, како што се наведува, целосно спроведување на сите обврски кои произлегуваат од Договорот за патеката на нормализација и од Анексот за имплементација, како и сите претходни договори за дијалог, како и вклучување во преговорите за сеопфатниот договор за нормализација на односите.