Советот на ЕУ донесе одлука да воведе санкции кон две физички и четири правни лица поради поддршка на руската агресија на Украина, како и кон шестмина поединци и три компании одговорни за финансирање на палестински терористички групи.
Согласно првата одлука, на листата на санкционирани за „активности со кои се поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“ се додадени руските бизнисмени Дмитриј Белоглазов и Михаил Концерев и компаниите „Титул“, „Илијадис“, „Расперија“ и ПЈСЦ „ТрансКонтејнер“.
Како што пренесува МИА, според Советот на ЕУ, Белоглазов е одговорен за создавање сложена шема за заобиколување на санкциите воведени кон рускиот бизнисмен Олег Дерипаска. Имено, компанијата на Белоглазов, „Титул“ регистрирала своја подружница под името „Илијадис“, преку која е откупен уделот на Дерипаска во фирмата „Расперија“, која поседува акции во европската компанија „Страбаг СЕ“, чиј имот е замрзнат во рамки на режимот на рестриктивни мерки на ЕУ. Преку вака воспоставената шема Дерипаска успеал да ги продаде своите замрзнати средства во „Расперија“ и со тоа остварил економска корист.
Руска транспортна компанија ПЈСЦ „ТрансКонтејнер“, чиј генерален директор е Концерев, е најголем оператор на железнички контејнери во Русија и нејзините приходи се зголемиле во текот на 2023 година благодарение на транспорт на белоруски стоки и учеството во шеми за илегална трговија со оружје од Северна Кореја за потребите на руските сили.
На втората листа, пак, на санкционирани поради „финансирање на групите Хамас и Палестински исламски џихад или за помагање на нивните насилни акции“ се вклучени компаниите „Заваја Груп“, „Лариком фор Инвестмент“ и „Ал Заваја Груп“, сопственост на суданскиот бизнисмен Абделбасит Хамза Елхасан Мохамед Каир, кој е предмет на рестриктивни мерки на ЕУ од јануари 2024 година. Трите компании биле користени за затскривање и олеснување на финансиски трансакции за потребите на Хамас.
На оваа листа се додадени и членот на Палестинскиот исламски џихад и раководител на фондацијата „Мухџат Ал Кудс“, Џамил Јусуф Ахмад Алијан, акционерот и член на управните одбори на неколку компании преку кои се спроведуваат инвестициски активности за потребите на Хамас, Ахмед Шариф Абдалах Одех, бизнисменот Зухеир Шамлах кој овозможува финансиски трансфери од Иран до Хамас, членот на Политичкото биро на Хамас и претседател на Здружението на добротворни институции, Исмаил Бархум, шефот на Бирото на палестинската филијала на силите „Кудс“ – огранок на иранската Исламска револуционерна гарда, Али Моршед Ширази и членот на Политичкото биро на Хамас одговорен за координација на терористичките оперативци на групата на Западниот Брег, Махер Реби Обеид.
Примарна мисија на фондацијата „Мухџат Ал Кудс“, која е финансирана од Иран, е обезбедување финансиска поддршка за семејствата на борците и затворените припадници на групата Палестински исламски џихад. Здружението на добротворни институции на Бархум, пак, контролира околу 400 различи организации преку кои се префрлаат средства на Хамас.
На листата на физички и правни лица кои се предмет на рестриктивните мерки на ЕУ поради активности со кои се поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина сега се наоѓаат над 2.200 поединци и ентитети, додека поради финансирање и поддршка на Хамас и Палестинскиот исламски џихад се санкционирани вкупно 12 физички лица и три субјекти.
На санкционираните физички и правни лица им е замрзнат имотот во ЕУ, а на поединци и субјекти од Унијата им забрането да им доставуваат или ставаат на располагање финансиски средства и стоки. Дополнително на поединците опфатени со санкциите им е забранет влез во земјите членки на ЕУ или транзит низ нивна територија.
Одлуките за воведувањето на овие санкции веќе се објавени во Службениот весник на Европската Унија.