Ерменија спречи заговор за државен удар со руски траги

Ереван на 18 септември обвини пет ерменски државјани и двајца поранешни жители на Нагорно-Карабах дека биле на воена обука во Русија со цел да извршат вооружен пуч во Ерменија.

Тројца осомничени се уапсени, додека четворица се уште се во бегство, соопшти ерменскиот истражен комитет. Како што пренесува Кијив индипендент, идентитетот на осомничените не е откриен.

Иако комитетот не ги вмеша руските власти во наводниот заговор, веста доаѓа во услови на веќе затегнати односи Москва-Ереван.

На осомничените им беше понудена тримесечна воена обука на руска територија за месечна исплата од 220.000 рубљи (2.400 долари). Плановите биле спроведени во соработка „со други лица чиј идентитет допрва ќе се утврдува“, се вели во соопштението.

Наводните заговорници требаше да се запознаат со „ново тешко оружје и да ги научат вештините за нивно користење“ како дел од нивната обука, рече комитетот.

Осомничените потоа регрутирале други лица – сограѓани Ерменци и поранешни жители на Нагорно-Карабах – за да се приклучат на наводниот заговор и исто така да поминат обука во Русија, се вели во соопштението.

Ова требаше да ги подготви регрутите „да се вратат во Ерменија и да ја сменат сегашната влада“, додаде комитетот.

Некои од регрутите, наводно, одбиле да учествуваат на обуката и се вратиле во Ерменија, соопшти комитетот, додавајќи дека интервенцијата на ерменските агенции за спроведување на законот го спречила заговорот.

Комитетот не прецизираше каква било политичка или друга припадност на наводните заговорници, велејќи дека истрагата е во тек. Сега властите бараат да ги идентификуваат преостанатите соучесници.

Владата на премиерот Никол Пашијнан претходно ја обвини војската на земјата за заговор за државен удар во 2021 година, неколку месеци по неуспешната војна со Азербејџан во 2020 година.

Премиерот презема сè попрозападна надворешна политика, бидејќи врските со Москва, традиционалниот сојузник на земјата, се влошија кога руските мировници во Нагорно-Карабах не ја спречија минатогодишната азербејџанска офанзива.

Над 100.000 етнички Ерменци побегнаа од Нагорно-Карабах во масовен егзодус откако Азербејџан го зазеде регионот во молскавична воена офанзива во септември 2023 година.

Војната предизвика масовни протести против Пашијнан. Ереван ја поддржува непризнаената република од нејзиното зачнување во раните 1990-ти, и покрај тоа што Нагорно-Карабах беше меѓународно признаен како азербејџанска суверена територија.

Подготви: Д. Мишев