Антони, според многумина најлошото засилување во историјата на Манчестер јунајтед, одлично ја започна кариерата во Бетис.
Бразилецот на крајот од зимскиот преоден рок ја прифати понудата на Бетис до крајот на сезоната да игра на позајмица на „Бенито Виљамарин“ и тоа дефинитивно беше добра одлука.
На седум натпревари, Антони постигна три гола и забележа две асистенции, со што ја врати самодовербата и формата.
Како што стојат работите, Бразилецот сака да го продолжи престојот во Бетис за најмалку уште една година, односно да ја продолжи позајмицата до летото 2026 година, за да се наметне во репрезентацијата за Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
Оваа вест ја навести и извршниот директор на Бетис, Рамон Аларкон.
„Ми беше кажано дека Антони сака да остане уште една година во Бетис. Играчот се чувствува многу удобно, и на теренот и надвор од него, бидејќи направивме се за да му олесниме да се прилагоди на животот во нашиот град од првиот ден кога пристигна”, изјави Аларкон.
Како што сега стојат работите, Бетис нема да има пари да го откупи Антони, бидејќи Јунајтед го преплати, кога плати за него речиси 100 милиони евра и сака да врати барем половина од инвестицијата.
Шпанците сигурно не се во можност да платат 50 милиони за ниту еден играч, но би ја искористиле волјата и желбата на фудбалерот да остане на позајмица до летото 2026 година.
Бразилецот изјави дека не сака да се врати во Јунајтед, каде што не е среќен и не може да ја најде вистинската форма.
Текстот Ентони нема намера да се враќа во Манчестер е превземен од МАКФАКС.