До овој момент, нема македонски државјани кои се обратиле за помош или евакуација од Либан, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
-Поради влошенета безбедносна ситуација во Либан, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија во неколку наврати ги повика сите наши државјани кои се наоѓаат во оваа држава, да ја напуштат во прва можна прилика и апелираше да се одложат сите патувања кон оваа држава, кои не се неопходни, рекоа од Министерството.
Денеска силен чад се издига над хоризонтот на јужен Либан откако израелските трупи го нападнаа јужниот град Сидон, на околу 45 километри јужно од Бејрут каде што загинаа најмалку 32 лица, соопштија либанските власти, додека во провинцијата Баалбек Хермел загина 21 лице, а најмалку 47 се ранети.
Според либанското Министерство за здравство во последните израелски напади загинале повеќе од 100 луѓе, додека бројот на жртвите во изминатите две недели се искачи на над 1.000, а околу 600 се повредени.