Независната кандидатка Данела Арсовска за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, по првиот круг има предност од околу 4.000 гласа пред кандидатот на СДСМ Петре Шилегов, покажуваат се уште нецелосните резултати на Државната изборна комисија.
Петре Шилегов, досегашниот градоначалник на Скопје освои 34,96 отсто од гласовите, односно 64.404 од досега преброените гласови. Данела Арсовска доби поддршка од 68.669 гласачи или 37,28 отсто.
За советници во Советот на Град Скопје од нецелосно преброените гласови, ВМРО-ДПМНЕ освои 62.983 гласа, односно 33,89 отсто, а СДСМ има 41.624 гласа, односно 22,4 отсто.
Советничката листа на ДУИ освои 24.513 гласови, односно 13,19 отсто, по што следи Левица со 8,37 отсто, односно 15.557 гласа. Алијанса за Албанците/Алтернатива освоила 5,63 отсто од гласовите, односно 10.473 гласа. Коалицијата ЛДП/ДОМ има 7.145 гласови, односно 3,84 отсто, по што следува независната листа на Драгана Велковска, со 6.647 гласови, односно, 3,58 отсто од гласовите. Последната советничка листа со над 1 отсто освоени гласови е таа на БЕСА, со 1,13 отсто или 2.101 глас.
Градоначалник уште во првиот изборен круг добија општините Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Бутел (кандидати на ВМРО-ДПМНЕ), Сарај (кандидатот на ДУИ), а засега во втор круг би се одело во општините Ѓорче Петров, Чаир, Центар, Карпош и Шуто Оризари.