Повремениот пост или намерното ограничување на часовите во текот на кои човекот ги троши своите дневни калории, веќе неколку години се користи за слабеење. Меѓутоа, најновото истражување сега покажа дека тоа може да доведе до зголемен ризик од срцев и мозочен удар, пишува „Дејли мејл“.
Луѓето кои следат една од најпопуларните временски ограничени стратегии на исхрана, повремениот пост 16:8, може да имаат поголем ризик од кардиоваскуларни болести и смрт од оние кои не постат или не користат други техники на постење, покажува новото истражување. Повременото постење 16:8 значи дека човек пости 16 часа, додека јаде останатите осум часа од денот.
Повреметнио пост е многу популарен кај познатите личности, меѓу кои британскиот премиер Риши Сунак, Илон Маск и Џенифер Анистон, кои велат дека тоа им помага да останат во форма, пишува „Дејли мејл“.
Истражувачите набљудувале група од 20.000 возрасни луѓе кои одговарале на прашања за нивните шеми на исхрана за годишната Национална анкета за здравјето и исхраната помеѓу 2003 и 2018 година.
Тие откриле дека учесниците кои практикувале повремен пост 16:8 имале 91 отсто поголема веројатност да умрат од кардиоваскуларни болести отколку оние кои не практикувале ваков тип на постење.
Исто така, оние со постоечки кардиоваскуларни болести, кои ги потрошиле сите свои калории во период од осум и 10 часа, имале 66 отсто поголем ризик од смрт од срцеви болести и мозочен удар.
Покрај фактот дека временски ограничената исхрана не го намалува ризикот од смрт од која било причина, истражувачите исто така забележале дека луѓето заболени од рак кои не постеле и кои ги консумирале своите дневни калории во период од 16 часа, всушност имале помал ризик од умирање од рак од оние кои јаделе во ограничена временска рамка.
Студијата опфати голем примерок, набљудувајќи ги поединците во просек осум години. Меѓутоа, начинот на кој се собираа информациите можеби ги ограничи наодите и точноста на студијата со оглед на тоа дека шемите на исхрана може да се променат со текот на времето – рекла кардиологот Мишел Рутенштајн, која не беше вклучена во студијата.
Покрај тоа, набљудувачките студии како што е ова не можат да докажат причина и последица. Меѓутоа, ова не се единствените ограничувања.
Овие наоди се во спротивност со многу претходни студии кои откриваат придобивки од временски ограничената исхрана за кардиоваскуларното и метаболичкото здравје – рекол кардиологот Ченг-Хан Чен, кој не бил вклучен во студијата.
Тој додал дека може да постојат разлики во основните карактеристики во групите со ограничено време на исхрана, што би можело да ги објасни овие изненадувачки наоди. Разликите во демографијата и карактеристиките помеѓу овие групи (особено помеѓу групата која јадела помалку од осум часа и другите), како и пристрасноста во сеќавањето на учесниците на нивните сопствени навики во исхраната, може да влијаат на резултатите.
И прелиминарното истражување на Американското здружение за срце открило дека ограничувањето на оброците на само осум часа дневно е поврзано со 91 отсто зголемен ризик од прерана смрт од кардиоваскуларни болести.
Експертите се согласуваат дека постојат малку долгорочни истражувања за луѓето кои практикуваат повремен пост, така што овие истражувања се од клучно значење за понатамошно разбирање на ефектите од постот. Оваа студија покажува дека повременото постење може да им помогне на луѓето да изгубат тежина на краток рок, но не обезбедува трајни кардиоваскуларни придобивки.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.