На 30 октомври и 2 ноември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе раскошната балетска претстава „Дамата со камелии“ работена по музиката на Џузепе Верди, а драматуршката подлошка е земена од неговата популарна „Травијата“.

Претставите ќе се изведат под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, кореографијата е на еден од водечките руски кореографи Василиј Медведев, кој работи со големите театри „Бољшој“ од Москва и „Марински“ од Санкт Петербург, a раскошната сценографија и костимографија се на Павол Јураш од Словачка.

Во улогите на Маргарита и Арманд на 30 октомври ќе настапат првенците: Марија Кичевска Шокаровска и Франциско Хименес Руиз (Шпанија), а на 2 ноември: Наташа Трендафилова Гицев и Валери Љубенко (Украина).

Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

„Не е првпат тажната приказна во „Дамата со камелии“ да ги инспирира кореографите. Заедно со костимографот и сценограф, Павол Јураш, сакав претставата да ја направиме класична, традиционална, но и наша оригинална, различна од другите.“ – Василиј Медведев, кореограф

Текстот Двојна изведба на раскошната балетска претстава „Дамата со камелии“ на сцената на Националната опера и балет е превземен од МАКФАКС.