Шведската активистка Грета Тунберг изјави дека нејзе и на другите притворени активисти од флотилата за Газа им бил одбиен пристап до чиста вода додека биле во израелски притвор и дека како резултат на тоа се разболеле.

Тунберг беше меѓу деветте шведски активистки приведени минатата недела откако Глобалната флотила Сумуд, која се обидуваше да достави хуманитарна помош во Појасот Газа, беше пресретната од израелската војска.

Приведените активисти се вратија во Шведска. Зборувајќи на прес-конференцијата одржана на плоштадот Сергелс Торг во Стокхолм со други активисти, Тунберг нагласи: „Им кажавме на луѓето што дојдоа од шведскиот конзулат дека немавме пристап до чиста вода за пиење за време на нашиот притвор, бидејќи водата беше контаминирана и се разболевме“.

Наведувајќи дека побарале помош од конзуларните службеници бидејќи водата од чешма била валкана, таа додаде: „Тие (Израелците) фрлаа шишиња полни со вода за пиење пред нас и ни се смееја што баравме чиста вода. Им рековме: ‘Нема да си одиме додека не добиеме пристап до чиста вода за пиење.’“

Тунберг истакна дека ги пријавиле своите поплаки кај шведските конзуларни службеници. „Кога конзуларните службеници си заминуваа по средбата со нас, им реков: ‘Кога ќе си одите, ќе нè претепаат, бидејќи никој нема да гледа.’ Шведските службеници сепак си заминаа“, рече таа.

Таа тврди дека биле подложени на физичка тортура. „Луѓето се онесвестија, а кога побаравме лекар и лекови, тие ставија 60 луѓе во мали кафези и ни рекоа дека ќе нè убија со гас“, рече таа.

Таа ја критикуваше шведската влада, како и другите влади, за нивната неактивност. „Да бидам искрена, навистина не знам што да кажам, бидејќи без разлика што ќе кажеме, се чини дека ништо нема да ги натера нашите влади да преземат мерки против Израел“, се пожали таа.

фото: принтскрин

Текстот Грета Тунберг: Израелците ставија 60 луѓе во кафези и рекоа дека ќе нè убијат со гас е превземен од МАКФАКС.