Втор ден по ред српскиот претседател Александар Вучиќ не изостава да спомене дека на неформалната вечера на лидерите од регионот во Атина премиерот Димитар Ковачевски со остар тон му се обратил на косовскиот колега Албин Курти. Се претпоставува дека причината за ова е посетата на Курти во Чаир и Тетово. Вучиќ денеска, без воопшто да биде прашан од страна на српските новинари, реши одново да се осврне на вечерата на Мицотакис.
„Она што беше очигледно на вечерата тоа беше судирот Ковачевски-Курти. А, што се однесува до Курти тој вообичаено повторуваше дека е најголемиот јунак и дека би сакал да биде Зеленски“, рече Вучиќ.
Алсат испрати прашања до Владата дали воопшто имало ваков судир или пак Скопје ќе го демантира српскиот претседател. Потоа, за која тема настанал конфликтот меѓу Ковачевски и Курти за кој зборува Вучиќ, како и за оценка на билатералната комуникација на највисоко ниво меѓу Скопје и Приштина во овој момент. Наместо да добиеме конкретни одговори од Владата ни вратија текст кој воопшто не беше поврзан со нашите прашања:
„Предмет на дискусија на неформалната вечера на која присуствуваше и премиерот Ковачевски беше натамошниот тек на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан, како и стратешката важност на регионот на Европската Унија, но и стабилноста, просперитетот и интеграција на Западен Балкан во ЕУ“, рекоа од Владата.
Во одговор на новинарско прашање, вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој го придружуваше премиерот во Атина, за сите прашања нè препрати кај Ковачевски. Тој образложи дека за него немало место на лидерската вечера и таа била од затворен тип, па оттаму не знаел што се случило. Единствено кажа дека премиерот Ковачевски постојано повторувал оти очекува сите наши соседи да се однесуваат кон нас со почит, како што тоа го правиме ние.
„Не бев присутен на тој дел и не можам да кажам дали навистина или колку било остро. Она што знам и сум сигурен е дека премиерот Ковачевски на сите средби ја повторуваше истата порака дека Северна Македонија секогаш била добар сосед, подеднакво наклонет кон сите свои соседи“, рече Маричиќ.
Вчера Вучиќ првпат спомена дека Ковачевски употребил остар тон кон Курти на неформалната вечера во понеделникот во Атина. По ова следуваа и голем број критики на адреса на Владата од страна на дел од албанските опозициски партии во земјава. Изет Меџити од Демократското движење обвини дека Ковачевски ја докажал својата покорност кон Србија, а од БЕСА повикаа претседателот на државата да реагира за ваквите постапки на Ковачевски.
Лука Андреев