Русија втора ноќ по ред изврши напади со беспилотни летала – камикази врз Киев, а системите за противвоздушна одбрана го одбија ударот, соопштија украинските власти.
„Издадено е предупредување за воздушен напад. Системите за противвоздушна одбрана се оперативни во регионот околу Киев“, напиша на Телеграм Серхи Попко, шеф на воената администрација за главниот град на Украина.
Воената администрација на Киев ги повика луѓето да останат во засолништа додека не завршат рациите.
Русија, исто така, извести за судири, вклучително и успешна одбрана на областите во близина на разурнатиот град Бахмут, каде Украина вели дека нејзините сили ги обновуваат своите позиции.
Портпаролот на Генералштабот на Украина, Андриј Ковалев изјави дека украинските војници го одбиле рускиот напредок поддржан од артилерија.