Стотици луѓе се собраа пред канцеларијата на британскиот премиер Кир Стармер и собирот за поддршка на Украина го почнаа со интонирање на украинската химна.

Собирот се одржува кога европските лидери во Лондон разговараат за безбедноста на Украина.

Над десетина европски лидери, вклучувајќи го и Зеленски денеска присуствуваат на Лондонскиот самит чиј домаќин е британскиот премиер Кир Стармер, на тема ставање крај на војната во Украина и европската безбедност.

Британскиот премиер Кир Стармер им се обрати на насобраните лидери на самитот во Лондон, велејќи дека ова е „момент кој се случува еднаш во генерација за безбедноста на Европа“, нагласувајќи дека добар мировен исход за Украина ќе биде клучен и за стабилноста на остатокот од континентот.

Стармер, исто така, ја спомена толпата пред Даунинг стрит која го поздрави украинскиот претседател Володимир Зеленски со аплауз и извици на поддршка, велејќи дека тоа ја покажува „силата на чувството“ што луѓето во Обединетото Кралство ја имаат за Украина.

Зборувајќи за целите на самитот, Стармер рече:

„Во дискусиите во последните денови, се согласивме дека група од нас ќе работи со Украина на план за прекин на борбите, а потоа ќе разговараме за тоа со САД и ќе го развиеме заедно.

Тој додаде дека Русија истовремено „зборува за мир, но ја продолжува својата немилосрдна агресија“ и дека е важно да се договорат конкретни чекори за постигнување мир „преку сила, во корист на сите“.

Текстот Во тек е клучниот состанок во Лондон, момент кој се случува еднаш во генерација е превземен од МАКФАКС.