Шпанската полиција откри приватна колекција од 1.090 препарирани животни, вклучувајќи тука и слонови, носорози и поларни мечки, во огромен магацин близу Валенсија.
Ова е најголемата приватна колекција од ваков вид досега откриена во Шпанија. На површина од 50.000 квадратни метри, животните биле изложени како во музеј. Меѓу нив има и гепарди, леопарди, лавови, рисови, снежни леопарди и крокодили, како и животни кои изумреле во дивината, како што е африканскиот орикс со рогови, но и речиси исчезнати животни како бенгалскиот тигар. Оваа огромна „збирка“ вклучува и 198 заби од слон. Вкупно 405 од овие животни припаѓаат на заштитени видови, објави Цивилната гарда.
Сопственикот, како што се наведува – познат претприемач од Валенсија, рекол дека повеќето од животните ги наследил од својот татко, пишува весникот „Провинсијас“.
Полицијата не соопшти подробности за сопственикот на колекцијата кој е под истрага за криумчарење и прекршување на законот за заштита на загрозени видови. Се истражува и тоа од каде дошле животните.
Според полицијата, вредноста на оваа колекција на црниот пазар се проценува на речиси 30 милиони евра.