Во очекување на прес-конференцијата на Државната изборна комисија, која требаше да се одржи 21 часот, но се одложи на неодредено време, партиските штабови почнаа да излегуваат со првични неофицијални резултати за одредени општини.
Од СДСМ брифираат дека победа во прв круг оствариле во Делчево, Валандово, Дојран, Крива Паланка… Од партијата велат дека убедливо водство со можност за победа во првиот круг имаат во Струмица, Ресен, Крушево и Лозово. Убедливо водство, како што брифираат од партијата, имаат и во Берово, Пробишип, Богданци и Пехчево.
Од СДСМ брифираат и дека Петре Шилегов води пред Данела Арсовска во Скопје и оти очекува победа, а кандидатите за градоначаници на нивната коалиција се во водство во Шуто Оризари, Центар, Карпош и Бутел.
ВМРО-ДПМНЕ, пак според партиски извори, прогласи победа во првиот круг во Јегуновце, Могила, Градско, Сопиште, Петровец и Виница. Опозициската партија според партиски претставници, води и во Свети Николе и Прилеп. Според партискиот портпарол Димче Арсовски, ВМРО-ДПМНЕ води во сите скопски општини.
Лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, на Фејсбук прогласи победа. – Народот е определен. Надежта e родена. За секој човек во Македонија. Заеднички за новата иднина. Победа и голема одговорност! Ви благодарам народе на Македонија, напиша Мицкоски.