Најмалку девет лица загинаа, а уште околу 2.800 се повредени, вклучително и членови на Хезболах, во сомнителни координирани експлозии на пејџери во неколку либански региони, главно во области под контрола на Хезболах, се вели во најновото соопштение на Министерството за здравство.
Извор близок до Хезболах изјави за ДПА дека детонациите, кои се случија во различни региони низ Либан, се голем „удар за безбедносниот апарат на Хезболах“.
Како што пренесува МИА, неименуван функционер на Хезболах рече дека детонирањето на пејџерот е „најголемото нарушување на безбедноста“ што и се случило на милитантната група во речиси една година војна со Израел.
Меѓу убиените е синот на пратеникот на Хезболах Али Амар, соопшти групата, додека синот на пратеникот на Хезболах Хасан Фадлала и синот на шефот на безбедноста на движењето Вафик Сафа се повредени.
Локалните жители велат дека последната експлозија се случила 30 минути по првата, додека некои од нив се обидувале да откријат дали меѓу повредените има и членови на нивните семејства.
Израелската армија, која од октомври минатата година разменува оган со Хезболах, паралелно со војната во Газа, не го коментираше инцидентот.