Млад верен пар, двајцата вработени во израелската амбасада, беа застрелани вчера вечер додека си заминуваа од настан во Музејот на еврејско наследство во Вашингтон, а осомничениот е 30-годишниот Елијас Родригез од Чикаго, кој сега е во притвор, соопштија официјални лица.
„Јарон и Сара беа наши пријатели и колеги. Тие беа во својот најдобар период.
Вечерва, тие беа застрелани и убиени од терорист додека си заминуваа од настан во Еврејскиот музеј во Вашингтон.
Целиот персонал на амбасадата е скршен и потресен од нивното убиство. Нема зборови со кои може да се опише длабочината на нашата тага и ужас поради оваа ужасна загуба.
Нашите срца се со нивните семејства, а амбасадата ќе им биде на располагање во ова ужасно време“, соопшти израелската амбасада на X.
Шефот на метрополитенската полиција во Вашингтон, Памела Смит, изјави дека човекот отворил оган врз група од четири лица, убивајќи двајца. Тој бил виден пред музејот пред пукањето.
Родригез е единствениот осомничен досега. Откако беше приведен, тој скандираше „Слободна Палестина, слободна Палестина“, рече Смит, додавајќи дека „по пукањето, влегол во музејот и веднаш бил приведен од обезбедувањето. Му ставиле лисици, а тој им кажал каде го фрлил оружјето, кое веднаш било пронајдено, што довело до заклучок дека го извршил злосторството“.
„Осомничениот немал претходна историја на проблеми или контакт со полицијата“, рече Смит.
Израелскиот амбасадор во Соединетите Американски Држави, Јехиел Лајтер, изјави дека младиот човек кој беше убиен „купил прстен оваа недела со намера да ѝ предложи брак на својата девојка во Ерусалим следната недела“.
Претседателот Доналд Трамп го осуди пукањето. „Овие ужасни убиства што се случија во Вашингтон, јасно засновани на антисемитизам, мора да престанат, СЕГА!“, напиша тој во порака на Truth Social. „Нема место за омраза и радикализам во Соединетите Американски Држави“.
Израелскиот премиер,Бенјамин Нетанјаху, рече дека е шокиран од убиствата.
„Срцето ме боли за семејствата на младиот маж и младата жена чии животи беа прекинати од ова гнасно антисемитско убиство. Наредив зголемени безбедносни мерки во израелските мисии низ целиот свет, како и за владини претставници“, рече тој.
Израелскиот претседател Исак Херцог и американскиот државен секретар Марко Рубио го осудија инцидентот, додека министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем напиша во објава на X: „Ќе го изведеме овој изопачен сторител пред лицето на правдата“.
Текстот Во Вашингтон се убиени Јарон и Сара, објави Амбасадата на Израел е превземен од МАКФАКС.