Нетрпеливоста меѓу шефовите на Мерцедес и Ред Бул, Тото Волф и Кристијан Хорнер, која започна на последната трка во сезоната 2021, кога на котраверзен начин Макс Ферстапен ја освои првата шампионска титула, доби нова епизода.

Во последно време причина за несогласувањата беше Ферстапен, откако Тото Волф неколку пати јавно изјави дека би сакал Холанѓанецот да се пресели во германскиот тим.

Но, тоа не беше единствената причина поради која Волф и Хорнер се расправаа во последно време.

Имено, Британецот беше единствениот кој не ја поддржа сопругата на Тото Волф, Сузи кога ФИА отвори истрага против неа. Таа беше обвинета дека ја искористила својата позиција и на сопругот му доставила доверливи информации. .

Но, истрагата беше брзо завршена бидејќи беше докажана нејзината невиност. На новинарско прашање како го коментира тоа што добил поддршка од сите негови колеги од другите тимови, Тото го истакна следново.

„Сите освен Кристијан Хорнер беа подготвени да потпишат документ за поддршка. Како што се сеќавам, тој рече дека ќе даде интервју за „Скај Спортс“ во кое ќе објаснел дека не бил дел од поддршката и дека не сака да потпише. Но подоцна некој очигледно го советувал дека тоа ќе биде лош потег, па тој го потпиша документот. Хорнер покажа дека не ме почитува мене и мојата сопруга, дека не ја почитува нејзината кариера, како и нејзиниот придонес во женскиот спорт Тој сакаше да се занимава со мене преку неа, а тоа е неприфатливо“, изјави Волф.

Остануваат уште три трки до крајот на сезоната, тимот на Ред Бул тешко ќе ја одбрани титулата во конкуренција на конструктори, додека Ферстапен е на прагот да ја освои четвртата титула во низа.

Следната трка е закажана за в недела (24 ноември) во Лас Вегас.

Текстот Волф: Хорнер сакаше да се пресмета со мене е превземен од МАКФАКС.