Американскиот претседател Доналд Трамп денес одржа говор пред израелскиот Кнесет во Ерусалим веднаш по неговото пристигнување во Израел и ослободувањето на првиот заложник од заробеништвото на палестинската милитантна група Хамас.

Обраќајќи се пред членовите на израелскиот парламент, Трамп рече дека и покрај сите проблеми, невозможното е направено и заложниците се вратени во своите домови.

Трамп рече дека жителите на окупираната палестинска енклава мора да се фокусираат на враќање на стабилноста, безбедноста, достоинството и економскиот развој, пренесува Ројтерс.

„Од Газа до Иран, горчливата омраза донесе само беда, страдање и неуспех. Време е овие победи против терористите на бојното поле да се преведат во траен мир и просперитет за целиот регион на Блискиот Исток“, рече Трамп.

Тој рече дека вратата на пријателството и соработката е секогаш отворена, дури и за Иран, чиј режим предизвика толку многу смрт и страдање на Блискиот Исток.

„Ова е неверојатна победа за Израел и за светот. Ова е историска зора во новиот Блиски Исток“, рече американскиот претседател.

Денешниот говор на Трамп беше прв пред израелскиот парламент од 2017 година и се одржа во моментот на спроведување на мировниот договор инициран од американскиот претседател.

Говорот на Доналд Трамп во израелскиот Кнесет беше накратко прекинат откако двајца левичарски пратеници почнаа да дофрлуваат навреди кон претседателот.

Трамп одеднаш замолкна, се слушна викање во салата, но обезбедувањето реагираше брзо.

Офер Касиф, 60-годишен политичар, беше изнесен надвор од обезбедувањето по гласни звуци и извици упатени кон Трамп.

Ајман Одех (50), друг член на Кнесетот од истата политичка група на алијансата Хадаш, исто така беше отстранет од салата.

Одех беше отстранет од пленарната седница на Кнесетот откако држеше транспарент со кој го повикуваше американскиот претседател Доналд Трамп да ја „признае Палестина“.

Пратеникот на партијата Офер Касиф, исто така, се обиде да крене транспарент, но и тој беше насилно отстранет од салата.

„Жал ми е за тоа, господине претседателе“, му рече претседателот на Кнесетот потоа на Трамп.

„Тоа беше многу ефикасно“, се пошегува Трамп како одговор, додека другите членови на Кнесетот го скандираа неговото име.

Фото: принтскрин

Текстот (Видео) Трамп одржа говор пред израелскиот Кнесет: беше обележан со инциденти, обезбедувањето мораше да реагира е превземен од МАКФАКС.