По пристигнувањето во Малезија за самитот на АСЕАН, американскиот претседател Доналд Трамп се придружи на танцот за добредојде на локалните жители, објавија локалните медиуми.

Американскиот претседател беше пречекан од малезискиот премиер, Анвар Ибрахим, кој му приреди добредојде со традиционален малајски танц, објавува „Манго њуз“.

По краткиот разговор меѓу двајцата лидери, претседателот Трамп одлучи накратко да се придружи и да танцува со локалното население, што предизвика голем ентузијазам кај присутните.

Патем, американскиот претседател Доналд Трамп пристигна утрово во главниот град на Малезија, Куала Лумпур, и присуствуваше на потпишувањето на продолжениот договор за прекин на огнот меѓу Тајланд и Камбоџа, а исто така потпиша и трговски договори со двете земји. Ова е неговата прва станица на азиската турнеја.

Трамп првпат интервенираше во јули за да го заврши смртоносниот петдневен граничен конфликт меѓу двете земји, а мировниот договор беше потпишан утрово кратко по пристигнувањето на Трамп на самитот на земјите од Југоисточна Азија во Куала Лумпур, објави Ројтерс.

Овој состанок во главниот град на Малезија се темели на примирјето постигнато пред три месеци кога Трамп ги повика лидерите на двете земји во тоа време да ги прекинат непријателствата или, како што предупреди, ризикуваат привремено да бидат прекинати трговските преговори со Вашингтон.

Пред да го потпише договорот за прекин на огнот утрово, камбоџанскиот премиер Хун Манет му се заблагодари на Трамп за неговото одлучно водство и неуморните напори за спроведување на договорот.

И тајландскиот премиер му се заблагодари на американскиот претседател за напорите за посредување во примирје и вети дека отстранувањето на оружјето и ослободувањето на воените заробеници ќе започнат брзо, додавајќи дека декларацијата ќе обезбеди „основа за траен мир“ доколку целосно се спроведе.

По договорот за примирје, Тајланд и Камбоџа поединечно потпишаа трговски договори со САД денес во Куала Лумпур, објавува Би-Би-Си.

За време на потпишувањето, Трамп рече дека договорите се од големо значење за двете земји.

Со денешното потпишување и објавување на трговскиот договор на САД со Камбоџа и договорот за минерали со Тајланд, американскиот претседател јасно стави до знаење дека неговата администрација ќе ги користи трговските договори како клучен начин за вршење дипломатски притисок врз земјите за постигнување мир, заклучува Би-Би-Си.

„Ние спроведуваме трансакции, многу од нив, со двете земји сè додека живеат во мир“, рече Трамп, додавајќи дека бизнисот мора да се користи за да се осигури дека двете земји нема да војуваат.

Текстот (Видео) Трамп заигра во Малезија: Се приклучи кон традиционалниот танц и ги изненади домаќините е превземен од МАКФАКС.