Товарен авион од Дубаи се излизга од пистата во морето при слетувањето на Меѓународниот аеродром во Хонг Конг рано утрово, соопшти аеродромот, а локалните медиуми објавија дека две лица загинале.

Фотографиите направени по несреќата, која се случи во 3:50 часот по локално време, го покажуваат товарниот авион Боинг 747 со ознаки AirACT полупотопен во морето во близина на аеродромот.

Четири члена на екипажот се спасени, соопшти аеродромот во Хонг Конг. Двајца службеници за безбедност на аеродромот, на возраст од 30 и 41 година, загинаа откако товарниот авион го турна нивниот патролен автомобил во морето.

Пистата беше затворена по несреќата, се додава во соопштението.

Емирати соопштија дека летот EK9788, Боинг 747 управуван од турската компанија ACT Airlines, имал несреќа при слетување во Хонг Конг.

„Членовите на екипажот беа спасени и немаше товар во авионот“, се вели во соопштението на Емирати.

Управата за цивилно воздухопловство на Хонг Конг соопшти дека ја пријавила несреќата во Одделот за истрага на воздушни несреќи и дека ќе помогне во истрагата.

фото: принтскрин

Текстот (Видео) Товарен авион „Боинг 747“ се излизга од пистата во морето во Хонг Конг, двајца мртви е превземен од МАКФАКС.