Возач на автобус што превезувал навивачи на кошаркарскиот тим Пистоја беше убиен синоќа откако навивачи на соперничкиот тим Себастијани го нападнаа автобусот на автопат.
Човекот седел во предниот дел од автобусот до возачот кој во тој момент го управувал автобусот. Тој починал откако бил удрен во главата од тула, јавува италијанската новинска агенција АНСА.
Нападот се случил на автопатот Риети-Терни, околу 80 километри североисточно од Рим. Навивачите на Себастијани фрлале камења и други предмети кон автобусот додека тој тргнувал од Риети по натпревар во втората италијанска лига.
Итните служби, заедно со неколку полициски и карабињерски патроли, веднаш реагираа, но обидите да се спаси животот на возачот беа неуспешни. Во тек е полициска истрага за пронаоѓање на одговорните за нападот.
Италијанскиот министер за спорт, Андреа Абоди, изрази сочувство до семејството на жртвата. „Како може некој да умре вака, на пат кон дома од кошаркарски натпревар? Нападот извршен вечерва во близина на Риети од страна на бандити кои станале убијци и кои никогаш не можат да се наречат навивачи е шокантен. Спортот е живот, а овие криминалци се светлосни години далеку од спортските вредности“, напиша Абоди на Икс.
„Целата заедница на Риети со огорченост го осудува овој гнасен чин кој нема никаква врска со Риети или спортот“, изјави градоначалникот Даниеле Синибалди на социјалните мрежи, изразувајќи надеж дека „околностите на инцидентот ќе бидат веднаш утврдени и дека правдата ќе биде задоволена“.
фото: принтскрин
Текстот (Видео) Навивачи нападнаа автобус во Италија: загина возачот кој бил удрен со тула е превземен од МАКФАКС.