Украина успеа да ја одбрани својата држава и независност и сега е поблиску до мир отколку кога било во речиси три години од почетокот на инвазијата, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Асошиетед прес.

„Ние се бориме, живееме, правиме се за да постигнеме мир. Сега сме поблиску од кога било во овие три години војна. Одбраната на нашата држава, независноста, нашата земја, главниот град, многу различни градови и села – сето тоа го постигнавме“, рече украинскиот претседател.

„За жал, изгубивме многу луѓе. Горд сум на нашиот народ и нивната храброст. Кој можеше да замисли дека сето ова ќе се случи? Никој. Кој можеше да ги предвиди сите последици? Никој“, рече Зеленски.

Тој нагласи дека Украина мора да направи се за да го стабилизира животот и сите граѓани конечно да доживеат мир. „Мислам дека тоа е најважно“, додаде тој.

Зеленски за Трамп и преговорите со Русија
Зеленски ја коментираше и можната улога на американскиот претседател Доналд Трамп во постигнувањето мир. Тој рече дека ако Трамп навистина сака да го натера рускиот диктатор Владимир Путин на мировен договор, ќе успее.

Во интервју за АП, тој предупреди дека исклучувањето на Украина од американско-руските преговори за ставање крај на војната би било „исклучително опасно“. Тој рече дека Киев и Вашингтон мора да ги продолжат разговорите за да развијат план за прекин на огнот.

Текстот (Видео) Зеленски: Украина е поблиску до мир од кога и да било од почетокот на војната е превземен од МАКФАКС.