Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека се обидува да ја дестабилизира Европа со користење беспилотни летала за саботажи и немири.

Зеленски, во видео обраќање доцна во вторникот, рече дека Москва ја користи својата таканаречена „флота во сенка“ не само за финансирање на војната со транспорт на нафта со танкери, туку и за саботажи и разни напори за поткопување на стабилноста низ целиот континент.

„Неодамнешните лансирања на беспилотни летала од танкери се еден таков пример“, рече тој, повикувајќи се на разузнавачки информации од украинските надворешни служби.

Официјалните информации за потеклото на беспилотните летала неодамна забележани во земји, вклучувајќи ги Данска и Германија, сè уште не се потврдени.

Русија негираше каква било вмешаност.

Дмитриј Медведев, заменик-шеф на Советот за национална безбедност на Русија, посочи дека самите украински сили би можеле провокативно да користат вакви беспилотни летала за да ја вовлечат Европа во војна против Русија.

Украина, исто така, произведува беспилотни летала со долг дострел.

фото: принтскрин

Текстот (Видео) Зеленски: Русија со дронови ја дестабилизира Европа е превземен од МАКФАКС.