Сите осум кралски паркови во Лондон, вклучувајќи ги Хајд Парк и Ричмонд Парк, денеска се затворени поради силни ветрови предизвикани од бурата Ејми. Затворени се сите пешачки и велосипедски патеки, кафулиња и спортски објекти.

Бурата силно го погоди и островот Ирска, каде околу 100.000 домаќинства останаа без струја — 87.000 во Република Ирска и 22.000 во Северна Ирска. Компаниите за струја предупредуваат дека може да поминат неколку денови додека повторно не се нормализира снабдувањето.

И во Шкотска, илјадници луѓе останаа без струја, особено во северните области и на островите. Поправките се во тек, но ќе потраат.

На аеродромот во Даблин, поради бурата, беа откажани и одложени многу летови.

Во Северна Ирска е забележан нов рекорд на ветер – до 148 километри на час. Таму е прогласен црвен аларм и луѓето се повикани да останат во засолништа.

Повеќе железнички линии се затворени, а некои училишта во Северна Ирска не работат.

Синоптичарите велат дека најлошите делови од бурата ќе завршат до утре, кога се очекува да се помести кон Скандинавија.

Текстот (Видео) Бурата Ејми предизвика бројни проблеми: илјадници без струја, откажани летови, затворени железнички линии е превземен од МАКФАКС.