Петре Шилегов може да ветува засадување на стотици, како што тој ги нарекува, школувани дрва. Но, тој не може да избега од вистината дека неговите урбанистички планови – се планови за тотална бетонизација на секое квадратно место зелена и спортска површина, изјави на прес-конференција Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Пред некое време ја информиравме јавноста дека со Регулацискиот план З – 04, Шилегов планира да уништи дел од спортскиот центар „Борис Трајковски“ за таму да подигне згради. Во планот на Шилегов се уништуваат тениските терени, терасата од базенот Карпош, картинг-патеките и околното зеленило. Булеварот кој го планира Шилегов ќе поминува на само 10 метри од базенот во СЦБТ. Со печат од Градот и Општината, Шилегов сака да обезбеди милионски суми профит за неговите бизнис ментори. Финансиска бонбона бизнис на сметка на спортот и зеленилото во Скопје“, рече Андоновски.
Според нови информации, додаде Андоновски, планот на Шилегов за бетонизација на овој дел на Скопје не го вклучува само уништувањето на спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Во овој дел Шилегов, како што рече Андоновски, планира нови згради. Нови, како што ги нарече, бетонски чудовишта.
„Со планот на Шилегов, згради ќе се градат на теренот на ФК „Локомотива“ со трибините, другото фудбалско игралиште, но и сите околни зелени површини. За да им удоволи на бизнис олигарсите кои стојат и зад неговата, и зад кандидатурите на сите кандидатите за градоначалници во цело Скопје, Шилегов е подготвен да го бетонизира секој слободен квадратен метар во Скопје. Нема место за тениски терени, нема место за фудбалски игралишта, а место останува само за мегаломанските идеи за бетонска џунгла на Петре Шилегов“, истакна Андоновски.
Нагласи дека новото мнозинство во Советот на градот Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, се обврзува да ги ревидира овие планови и да спречи било каква изградба на згради кои би уништиле постоечки спортски објекти или зелена површина.