Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека е оптимист во врска со иднината на „Тик-ток“ во Соединетите Американски Држави по постигнатиот договор што треба да ги реши проблемите со националната безбедност, објави Си-ен-би-си.

„Многу сум уверен дека успешно ја одвоивме оваа компанија од глобалниот „Тик-ток“ и всушност овозможивме да ја контролираме безбедноста на податоците на луѓето“, рече Венс во „Fox News Sunday“. „Можеме да се осигураме дека алгоритмот нема да се користи како алатка за пропаганда од страна на странска влада“, додаде тој.

Популарната платформа долго време се соочуваше со обвинувања за своите практики за собирање податоци и врски за својата матична компанија, ByteDance, со кинеската влада.

По месеци неизвесност, што следеше по потпишувањето на законот за забрана на TikTok од страна на поранешниот претседател Џо Бајден, претседателот Доналд Трамп во четврток потпиша извршна наредба со која се овластува предлог што му овозможува на TikTok да продолжи да работи во земјата.

„Начинот на кој го составивме овој договор од перспектива на националната безбедност е таков што американските инвеститори и американските бизнисмени ќе ги донесат одлуките за тоа што всушност ќе се случи со Тик-ток“, објасни Венс, додавајќи дека договорот го проценува бизнисот на Тик-ток на 14 милијарди долари.

Според условите на договорот, новоформираната заедничка компанија ќе ги надгледува операциите на Тик-ток во САД, при што кинескиот ByteDance задржува помалку од 20% удел. Инвеститорите во новата компанија го вклучуваат технолошкиот гигант Oracle, фирмата за приватен капитал Silver Lake и инвестицискиот фонд MGX со седиште во Абу Даби. Се очекува постојните инвеститори во ByteDance, вклучувајќи ги General Atlantic, Susquehanna и Sequoia, исто така да инвестираат капитал во новиот американски ентитет. Федералната влада нема да има удел во акциите, според договорот.

„На крајот на краиштата, верувам дека повеќе од 80% од компанијата ќе биде во сопственост на американски инвеститори и нивните партнери“, рече Венс, додавајќи: „Ова не е нешто каде што Кинезите или кој било кинески ентитет имаат значаен удел“.

фото: принтскрин

Текстот Венс: Договорот ја обезбедува иднината на „Тик-ток“ во Америка е превземен од МАКФАКС.