Во рамки на вело-фестот „Авантурите на Конче и Мантово“, денеска ќе се одржи главната велосипедска тура во должина од 56 километри. Учесниците ќе имаат можност прв пат да возат по маркирани патеки низ природните предели на општината Конче.
Се очекува на настанот да има над 200 велосипедисти.
Вело-фестот почна вчера, а се одржува на езерото Мантово во Општина Конче. Покрај велосипедската тура околу езерото и можноста учесниците да кампуваат на неговиот брег, има саем на локални производи и културно-уметничка програма со настапи на фолклорни ансамбли, ди-џеј и бенд во живо.
Учеството е бесплатно и покрај наведените содржини, за учесниците се обезбедени и оброци, пијалаци, маички и сувенири.
Настанот е наменет за сите што рекреативно возат планински велосипед, кои се чувствуваат физички подготвени за повеќечасовно возење во планинско-ридски предели и кои поседуваат неопходна опрема за велосипедизам. Коорганизатор е здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје.
„Авантурите на Конче и Мантово“ е дел од проектот Netoural, кофинансиран од ЕУ преку ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција.