Вирџил ван Дајк потпиша нов двегодишен договор со Ливерпул. Ова е уште една добра вест за фановите на „црвените“, бидејќи минатата недела нов договор потпиша и Мохамед Салах.
Ван Дајк (33) веќе седум години е во Ливерпул, а оваа сезона со „црвените“ ќе ја освои втората титула во Англија, доколку до крајот на сезоната не се случи чудо. Холанѓанецот ќе заработува 400 илјади фунти (466 илјади евра) неделно, што го прави најплатениот дефанзивец во Европа, пренесува „Атлетик“.
„Многу сум среќен, многу горд. Чувствувам гордост и радост. Патувањето што го поминав досега во кариерата, ќе го продолжам за уште две години во овој клуб, тоа е неверојатно и многу сум среќен. Мојот план отсекогаш бил да останам во Ливерпул“, рече Ван Дајк.
Ван Дајк пристигна во Ливерпул од Саутемптон во јануари 2018 година и брзо стана еден од најдобрите дефанзивци во светот. Неговата дефанзивна моќ беше клучна за освојување на седум големи трофеи во тој период. Одигра 314 натпревари и постигна 27 гола.
Холанѓанецот ја освои Премиер лигата, Лигата на шампионите, Светското клупско првенство на ФИФА, Суперкупот на УЕФА, ФА Купот и два пати Лига купот. Ван Дајк беше прогласен за играч на годината во Премиер лигата во 2019 година и четири пати беше избран во тимот на годината во Премиер лигата.
Текстот Ван Дајк дефанзивец со најголема плата во Европа – Холанѓанецот потпиша нов договор е превземен од МАКФАКС.