Вакцините против ковид-19 се високо ефективни и кај македонската популација во спречување тешка болест и смрт од ковид-19. Вакцините од различните производители немаат големи разлики во нивната ефективност во спречување смрт од ковид-19, но имаат разлики во спречување хоспитализација од ковид-19. Анализата укажува дека една доза вакцина против ковид-19 е недоволна за спречување тешки исходи од болеста и ја истакнува важноста да се примат најмалку две дози вакцина, соопшти денеска Министерството за здравство објавувајќи ги резултатите од истражувањето.
Ова се првични, прелиминарни резултати, кои се дел од тековно истражување на вакциналната ефективност кај македонската популација. Овие процени на ефективноста на популационо ниво се блиски до процените добиени преку дополнителни анализи во склоп на истражувањето, спроведени преку вгнездена студија на случаи и контроли со тест-негативен дизајн, кои имаат за цел да ја минимизираат пристрасноста и да го исклучат ефектот кој би го имале граѓаните кои се регистрирани во Мој термин а кои не живеат во Македонија.
Истражувањето го предводи д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска (Стокхолм, Шведска), во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство на Република Македонија. Истражувањето е на доброволна основа, истражувачите немаат конфликт на интереси и немаат примено финансиски надомест за истражувањето.
Во првична сеопфатна анализа на ефективноста на вакцините против ковид-19 во спречување хоспитализација и смрт од вирусот кај македонската популација, се следени сите корисници на националниот електронски здравствен систем Мој термин од денот на првата регистрирана вакцинација (15. јануари 2021) до 30. септември 2021. Вкупно 1.886.124 граѓани на возраст од 11 години и постари се вклучени во анализата, вклучувајќи 779.558 вакцинирани испитаници кои примиле барем една доза вакцина и 1.106.566 невакцинирани испитаници. Од популацијата на која им е понудена вакцината (11 години и постари), во дадениот период 41,33% биле вакцинирани со барем една доза, од кои повеќето (37,78%) биле целосно вакцинирани со две дози. Најголем дел од испитаниците ја примиле вакцината BNT162b2 на производителот Pfizer/BioNTech и вакцината CoronaVac на производителот Sinovac. Бројот на испитаници кои примиле една, односно две дози вакцина е даден во Табела 1.
Вкупно 30.136 лица биле хоспитализирани од ковид-19 од почетокот на епидемијата во Македонија (26.02.2020) до 30.09.2021, од кои 6.542 починале (21,708% од хоспитализираните). Просечната возраст на хоспитализираните изнесувала 61 година а 56,5% од нив биле мажи. Од хоспитализација до смрт поминувале во просек 14,8 дена а половина од нив умреле во рок од 8 дена по хоспитализација.
За процената на вакциналната ефективност, сите оние кои биле хоспитализирани пред да бидат вакцинирани со прва доза се класифицирани како невакцинирани случаи бидејќи не биле изложени на вакцинација пред да бидат хоспитализирани.
Од 15.01.2021 до 30.09.2021, од вкупно 16.691 хоспитализации, 1.114 биле регистрирани по вакцинација кај 701.148 целосно вакцинирани (0,159%), додека 15.577 хоспитализации биле регистрирани кај 1.119.139 невакцинирани (1,391%). Грубата процена на ефективноста на примени две дози од која било вакцина во спречување хоспитализација изнесува 88,727% (95% интервали на доверба (ИД): 88,017- 89,400%).
Постарата возраст и машкиот пол значително ја намалуваат ефективноста на вакцините, при што граѓаните на возраст од 65 и повеќе години имаат околу 76% поголем ризик да бидат хоспитализирани од оние под 65 години, а мажите имаат околу 23% поголем ризик од хоспитализација од жените. Поради тоа што популацијата вакцинирани е во просек речиси 10 години постара од популацијата невакцинирани и затоа што вакцините од различни производители се нудени на различни возрасни групи, процената на ефективноста е коригирана за пол и возрасни групи (граѓани од 65 години нагоре наспрема помлади од 65 години). Со тоа, коригираната ефективност на примени две дози од која било вакцина во спречување на хоспитализација изнесува 90,604% (95% ИД: 90,018- 91,166%), а засебната коригирана ефективност по вакцина од различен производител е дадена во Табела 2.
Две дози од ковид-19 вакцината BNT162b2 на производителот Pfizer/BioNTech покажа највисока ефективност во спречување хоспитализација, следена од вакцината ChAdOx1-S (производител: AstraZeneca) и вакцината CoronaVac (производител Sinovac), сите со ефективност над 92%. Вакцините BBIBP-CorV (производител Sinopharm) и Gam-COVID-Vac (производител Gamaleya Institute) покажаа послаба ефективност во спречување хоспитализација од претходните три вакцини, но сѐ уште имаат висока ефективност, над 80%.
Во анализата на 65.837 индивидуи кои примиле само една доза вакцина од кој било производител се покажала значително пониска ефективност во спречување хоспитализација од ковид-19 и по корекцијата за пол и возрасни групи изнесува 40,918% (95% ИД: 35,912- 45,644).
Во периодот од 01.01.2020 до 30.09.2021 умреле вкупно 42.970 од 1.886.124 испитаници на возраст од ≥11 години. Од овие, 17.823 смртни случаи се регистрирани во периодот на следење на студијата, од кои 3.947 биле смрт од регистрирана ковид-19 (22,145%). Просечната возраст на умрените од ковид-19 изнесувала 70 години, половина од умрените биле под 71 година, најмладиот починат бил на 15 години а најстариот на 99 години.
Од вкупно 3.947 регистрирани смртни случаи на ковид-19 во периодот 15.01.2021-30.09.2021, само 179 смртни случаи се регистрирани кај 712.587 индивидуи кои биле целосно вакцинирани (0,0251%), додека 3.642 смртни случаи се регистрирани кај 1.106.574 индивидуи кои биле невакцинирани (0,329%). Со тоа, грубата процена на ефективноста на две дози вакцина од кој било производител во спречување смрт од ковид-19 изнесува 92,39% (95% ИД: 91,159- 93,486%).
Постарата возраст и машкиот пол значително влијаеле и врз ризикот од смрт од ковид-19, при што оние на возраст од 65 години и нагоре имале речиси двојно поголем ризик од смрт од ковид-19, а мажите имаат околу 28% поголем ризик од жените да починат од ковид-19. По коригирањето за пол и возраст, ефективноста на примени две дози вакцина од кој било производител во спречување смрт од ковид-19 изнесува 94,064% (95% ИД: 93,661- 94,448%). Засебната коригирана ефективност на вакцините од различен производител е дадена во Табела 3.
Истражувањето покажува дека сите вакцини покажале висока ефективност, над 91%, во спречување смрт од ковид-19. За разлика од претходната анализа во спречување хоспитализација, вакцините BBIBP-CorV (производител Sinopharm) и Gam-COVID-Vac (производител Gamaleya Institute) покажале многу мала разлика во пружањето заштита од смрт од ковид-19 споредбено со останатите вакцини. Вакцината BBIBP-CorV (производител Sinopharm) имала малку пониска ефективност од останатите вакцини во спречување смрт од ковид-19, која е незначителна.
Во анализа на 66.942 индивидуи кои примиле само една доза вакцина од кој било производител се покажала значително пониска ефективност во спречување смрт од ковид-19, која коригирана за пол и возрасни групи изнесува 39,140% (95% ИД: 34,476- 43,562).
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.