Британскиот премиер Борис Џонсон денеска предупреди дека здравствениот систем во земјата е под притисок поради големиот раст на бројот на заразени со коронавирус, но наведе дека нема да бидат воведени нови ограничувања за спречување на заразата.
Бројот на новозаразени вчера беше над 137 илјади поради појавата на позаразниот омикрон сој, а 73 луѓе починаа.
„Мислам дека мора да бидеме свесни дека притисокот врз нашиот здравствен систем, нашите болници, ќе потрае со недели, а можеби и подолго“, рече Џонсон за време на посетата на вакцинален пункт во Ајлесбури.
Неговата изјава следува по објавата на Сандеј тајмс дека болниците на истокот на земјата предупредуваат на „екстремен и без преседан“ недостиг на персонал. Владата сепак не планира да воведува нови мерки, а премиерот ги повика граѓаните да се вакцинираат.