Британските патници кои немаат примено трета или т.н. „бустер“ доза на вакцина против Ковид-19 наскоро би можеле да се соочат со нови ограничувања. Имено, министрите веќе почнаа сериозно да ја разгледуваат опцијата за повторно воведување карантин и задолжително тестирање за сите оние кои ќе одбијат трета вакцина. Со оваа одлука тие сакаат да го заштитат Обединетото Кралство од ширење на нови варијанти на коронавирус. Досега 60 отсто од населението го добиле „бустерот“, пренесува Дејли Мејл.
„Ова нема да се случи веднаш, но ќе се случи“, изјавил викендов извор близок до владата.
По примерот на ригорозниот израелски систем, дури и оние патници кои имаат негативен тест за Ковид-19 нема да можат да ја избегнат потребата од трета доза.
Трети дози од вакцината во моментов се достапни за оние над 50 години, здравствените работници и ранливите групи, но се очекува оваа шема, која сега е на сила, да се прошири и на лицата над 40 години веќе во 2022 година.
Третата доза може да се даде шест месеци по втората, а досега седум од десет лица постари од 80 години и три од пет лица над 50 години ја примиле во Англија.
Како и сега, оние кои не се целосно вакцинирани ќе мора да се изолираат цели десет дена по враќањето во Британија и да платат за четири PCR тестови – два пред поаѓање и два по враќањето на британска почва. Дефиницијата за „целосно вакцинирани“ ќе се прошири за да ги вклучи само оние кои ја прифатиле дозата „бустер“.