Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека го поддржува повикот на министерот за одбрана Борис Писториус за значително зголемување на помошта за Украина оваа година.
– Целосно се согласувам со министерот за одбрана. И не само со него, туку и со министерот за внатрешни работи. Потребен ни е буџет за безбедност, изјави синоќа Бербок за весникот „Билд“ и другите медиуми на Аксел Спрингер, пренесува ДПА.
„Билд“ во неделното издание објави дека Писториус планира дополнително барање од 3,8 милијарди евра (4,13 милијарди долари) за воена поддршка за Украина за тековната година.
Според извештајот, германската влада досега одвоила 7,1 милијарди евра за воена помош за Украина оваа година.
Бербок го оправда своето барање со фактот дека „никогаш не сме доживеале нашиот европски поредок на мирот, нашиот европски континент да биде оспорен на овој начин, токму на нашиот праг“.
– И во таква исклучителна ситуација, верувам дека исклучокот мора соодветно да се одрази во буџетот. За тоа се потребни многу, многу пари, додаде Бербок.
Шефицата на германската дипломатија за време на посетата на Кијив вчера упати молба за поголема меѓународна поддршка за заштита на небото на Украина од руски воздушни напади.