Американскиот претседател Џо Бајден изрази надеж дека Иран ќе отстапи и покрај заканата дека ќе се одмазди за атентатот врз лидерот на Хамас во Техеран, Исмаил Ханија, јавија британските медиуми.
Тензиите на Блискиот Исток ескалираа по атентатот врз шефот на политичкото крило на Хамас, Исмаил Ханија и израелскиот воздушен напад врз Бејрут неколку часа претходно, во кој беше убиен високиот воен командант на Хезболах, Фуад Шукр.
Иран и Хамас го обвинија Израел за убиството на Ханија и ветија дека, заедно со Хезболах, дека ќе се одмаздат.
На новинарско прашање дали Иран ќе отстапи американскиот претседател кусо одговори: „Се надевам дека е така. Не знам”.
Пентагон пред два дена соопшти дека на Блискиот Исток ќе испрати повеќе воени бродови и борбени авиони како одговор на заканите кон Израел.
Истовремено, САД и нивните партнери, вклучувајќи ги Франција, Велика Британија, Италија и Египет, и натаму се обидуваат со дипломатски напори да ја спречат натамошната ескалација во регионот, пренесе МИА.