„Путин згреши, во историјата ќе пишува дека војната против Украина ќе ја направи Русија послаба“, истакна американскиот претседател Џо Бајден, обраќајќи се во Конгресот. Бајден ја нагласи храброста на украинските војници и ја поздрави посветеноста на, како што вели, новата засилена западна алијанса.
„Путин сега е поизолиран од кога и да е од остатокот од светот, бидејќи во борбата против автократијата, демократиите се здружуваат. Најавувам дека ќе им се придружиме на нашите сојузници во затворањето на воздушниот простор на САД за сите руски летови, дополнително изолирајќи ја Русија“, изјави Бајден.
Украинскиот претседател Зеленски рече дека на анти-воената коалиција веќе ѝ се придружиле држави на кои Москва сметала само до пред една недела и порача во овие моменти да не се биде неутрален.
„Обединивме милиони, од Атлантскиот океан, па сè до предградијата на Харков. Започнавме и забрзана процедура за членство. Нашите дипломати го обединија светот, заради Украина и заради мир. И неутралната Швајцарија ги поддржа санкциите“, рече Зеленски.
Од друга страна, рускиот заменик министер за надворешни работи, Александар Грушко, коментирајќи ја украинската апликација за членство во ЕУ, кажа дека тоа ќе биде самоуништувачко за Унијата. Воедно, Грушко рече дека во моментов не може да се исклучи директен судир Русија – НАТО.
„Ќе бараме правни гаранции за неширење на Алијансата на исток. Ризиците постојат и ние сме многу загрижени за снабдувањето на Украина со оружје“, рече Грушко.
Западните лидери пак, повторија дека ќе продолжуваат воено да ја помагаат Украина, но не и со вклучување на НАТО во судирот.
„Путин направи многу погрешна проценка и со неговите напади врз суверената нација тој ја потцени цврстината на украинскиот народ, а заедништвото на слободниот свет е последица на неговиот варваризам“, рече Борис Џонсон – премиер на Велика Британија.
„Се појави опасна ситуација, бидејќи ова е војна меѓу најголемата земја во светот, Русија, нуклеарната суперсила и втората по големина земја во Европа. Во таа насока, не треба да се потценува опасноста што се заканува. Затоа нашата политика е многу јасна: нема да се мешаме во воениот план – тоа се однесува на НАТО. НАТО тоа нема да го направи, би било грешка во сегашната ситуација“, оцени Олаф Шолц – канцелар на Германија.
Шолц изјавата ја даде по средбата со израелскиот колега Нафтали Бенет, кој повторно кажа дека го поддржува украинскиот народ, но Израел е меѓу државите кои не ги поддржаа целосно санкциите на Западот кон Русија.
Лука Андреев